ЗА НАС

Институтот за инженерска економија при Меѓународен Славјански Универзитет – Свети Николе е приватна научна установа која својата работа ја започнува во 2011 година. Оттогаш, Институтот континуирано се развива како центар за научноистражувачка, развојна, стручна и апликативна работа.

Работењето на Институтот е насочено кон поврзување на инженерството, економијата и науките за однесувањето, со посебен фокус на безбедноста и здравјето при работа, инженерската економија, заштитата на животната средина, управувањето со ризици, однесувањето на потрошувачите и вработените и примената на современи истражувачки методи. Преку интердисциплинарен пристап, Институтот создава научно засновани сознанија кои имаат практична вредност за стопанството, академската заедница, јавните институции и поширокото општество.

Една од најзначајните области во работата на Институтот е безбедноста и здравјето при работа. Од 2019 година Институтот е носител на пет овластувања од надлежното министерство за вршење стручни работи од оваа област. Тие опфаќаат процена на ризик на работните места, изработка на концепт на изјава за безбедност, подготовка и спроведување програми за обука на вработените за безбедно извршување на работата, редовно тестирање и контрола на опремата за работа, како и периодични мерења на физичките, хемиските и биолошките штетности и микроклиматските услови во работната средина.

Институтот располага со сопствена лабораторија за безбедност и здравје при работа, опремена со калибрирани мерни инструменти. Лабораторијата овозможува мерење и анализа на осветленоста, температурата, релативната влажност, струењето на воздухот, бучавата и вибрациите, како и тестирање и контрола на опремата за работа. Стручните мерења се спроведуваат во согласност со применливите меѓународни и европски стандарди, меѓу кои ISO 9612, EN 12464-1, ISO 7730, ISO 2631 и ISO 5349.

Преку својата стручна и апликативна дејност, Институтот има воспоставено широка мрежа од  над 100 компании-партнери од различни индустрии и региони во државата. Соработката опфаќа компании од градежништвото, машинската, прехранбената, текстилната, автомобилската и енергетската индустрија, здравството, хотелиерството, шумарството, сообраќајот и други дејности. Кај компаниите-партнери се вршат мерења на условите во работната средина, процени на ризик, изработка на изјави за безбедност, испитување на опремата за работа и обуки на вработените.

Податоците добиени од теренските мерења не се користат само за подготовка на стручни наоди и извештаи. Тие претставуваат основа и за научни истражувања, публикации, конференциски трудови и магистерски истражувања. На овој начин, Институтот воспоставува непосредна врска помеѓу науката и практиката: реалните предизвици на компаниите се истражуваат со научни методи, а добиените резултати повторно се применуваат во работната средина.

Од 2021 година, Институтот располага и со лабораторија за невромаркетинг истражувања, опремена со систем за следење на погледот Smart Eye AI-X и софтверска платформа iMotions. Современата опрема овозможува истражување на визуелното внимание, перцепцијата, однесувањето и реакциите на потрошувачите преку следење на погледот и анализа на биометриски индикатори. Во лабораторијата, во соработка со другите единици на Меѓународен Славјански Универзитет, се реализираат истражувачки студии за магистерските трудови на студентите.

Посебно внимание се посветува на вклучувањето на младите истражувачи и студентите во реални истражувачки процеси. Тие учествуваат во подготовката на експерименталниот дизајн, користењето и калибрацијата на истражувачката опрема, собирањето и обработката на податоците, анализата на резултатите и интерпретацијата на наодите. Во периодот 2023–2025 година, врз основа на податоци добиени од истражувањата на условите и параметрите на работните места, се изработени 19 магистерски трудови од повеќе различни области.

Научноистражувачкиот кадар на Институтот континуирано објавува трудови во домашни и меѓународни научни списанија и зборници и учествува на научни и стручни конференции, обуки и истражувачки активности. Истражувањата се засноваат на реални емпириски податоци и се насочени кон теми со непосредна општествена и економска релевантност. Резултатите се презентирани на меѓународни конференции во земјата и странство, а дел од нив се објавени во рецензирани меѓународни публикации.

Институтот редовно организира стручни обуки, советувања и настани наменети за стручните лица за безбедност при работа, работодавците и другите професионалци. Темите ги опфаќаат безбедноста на градилиштата, мерењето и спречувањето на ризиците во работната средина, техничките прегледи на опремата, управувањето со стресот, благосостојбата на вработените и современите системи за управување со безбедноста и здравјето при работа. Преку овие активности, научните и стручните сознанија се пренесуваат непосредно до професионалната и деловната заедница.

Како дел од Меѓународен Славјански Универзитет, Институтот има пристап до библиотечен фонд, конференциски центар, издавачки центар, информатичка инфраструктура и административна поддршка. Овие ресурси, заедно со лабораториската опрема, квалификуваниот кадар и развиената мрежа на партнери, создаваат стабилни услови за реализација на квалитетни научноистражувачки и апликативни активности.

Нашата мисија

Мисијата на Институтот е да спроведува основни и применети истражувања и експериментален развој во техничко-технолошките и општествените науки, да создава релевантни научни сознанија за работната и животната средина и за однесувањето на потрошувачите и вработените и да ги става овие сознанија во функција на стопанството, академската заедница и пошироката јавност.

Нашата визија

Визијата на Институтот е да биде препознатлив и релевантен научноистражувачки центар кој ги интегрира инженерството, економијата, безбедноста и здравјето при работа, заштитата на животната средина и науките за однесувањето и кој, преку современа опрема, компетентен кадар и применливо ориентирани истражувања, придонесува кон одржливиот економски и општествен развој.

ИНСТИТУТ ЗАИНЖЕНЕРСКА ЕКОНОМИЈА
ЛОКАЦИЈААДРЕСА
https://iie.msu.edu.mk/wp-content/uploads/img-footer-map-1.png
Маршал Тито 77, 2220 Свети Николе
БИДИ ВО ТЕКСОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ
Следете не на социјалните мрежи за да дознаете кога ќе биде наредниот настан!
ИНСТИТУТ ЗАИНЖЕНЕРСКА ЕКОНОМИЈА
ЛОКАЦИЈААДРЕСА
https://iie.msu.edu.mk/wp-content/uploads/img-footer-map.png
БИДИ ВО ТЕКСОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ
Следете не на социјалните мрежи за да дознаете кога ќе биде наредниот настан!