Вториот ден од учеството на Меѓународен Славјански Универзитет на меѓународниот фестивал Cannes Lions 2026 беше посветен на најновите достигнувања во областа на технологијата, дигиталната трансформација, маркетингот и креативните индустрии.

Активностите започнаа во Microsoft Gardens и таму се одвиваа бројни предавања, презентации и дискусии посветени на иднината на технологијата, иновациите и нивното влијание врз современото општество.

Значителен дел од програмата се одржуваше на Salesforce Beach, кадешто се одржаа панели и разговори со светски експерти за дигитална трансформација, вештачка интелигенција и можностите за бизнис секторот.

Особено внимание привлече инспиративниот разговор со Пријанка Чопра Џонас, која со присутните ја сподели приказната за нејзината успешна меѓународна кариера и како ја создаде својата бизнис империја. Таа говореше за значењето на автентичноста, преземањето иницијатива, создавањето сопствени можности и градењето брендови и идеи коишто ги надминуваат географските граници.

Во рамките на фестивалската програма беше проследена и дискусијата со Џесика Сибли, извршен директор на списанието TIME, заедно со истакнати маркетинг експерти, коишто разменија искуства и ставови за практичната примена на вештачката интелигенција во организациите, нејзините придобивки, но, и предизвиците што ги носи во процесот на трансформација на современото работење.

Денот заврши со посета на Canva Creative Cabana, едно од најпосетените места на фестивалот, каде преку интерактивни презентации и практични демонстрации беше претставена улогата на креативноста, визуелната комуникација и дигиталниот дизајн во современиот маркетинг.

Учеството на Меѓународен Славјански Универзитет на Cannes Lions 2026 претставува значајна можност за непосредно следење на најновите светски трендови во областа на маркетингот, технологијата, иновациите и креативните индустрии. Стекнатите искуства, контактите и знаењата во голем дел ќе придонесат за понатамошно збогатување на академските активности и развојот на нови иницијативи, во интерес на студентите и академската заедница.





